ТВ серија „Преспав“ е забавен продукциски продукт со информативнен и едукативен карактер, кои во две сезони со по 30 епизоди ќе ги забавува гледачите на малите екрани. „Преспав“ се базира на семејната приказна на браќата Бузалевски, кои отвораат пансион во преспанскиот регион, благодарение на средствата добиени од ИПА фондови. Самиот пансион е метафора на реалните случувања (политички и општествени) во Република Македонија, во кои се прекршуваат балканскиот менталитет – од кои ликовите не можат да избегаат и желбата да се почитуваат и да ги воспостават стандардите за кои ги добиле парите. Ваквата ситуација ги става ликовите во постојан конфликт од кој произлегуваат комични ситуации во кои ќе можат да се препознаат и самите гледачи.
Јелена е единствениот вработен во пансионот и е „девојка за сè“. Таа е од овој регион и постојано сака да избега од Македонија. Јелена е површна во својата работа, често има конфликт со Ула, заради нејзината сексуалност и кокетен однос со Коста како и со гостите во пансионот.
Ула по потекло е од Источен Берлин. Веќе е адаптирана на македонските услови, зборува македонски со германски нагласок и има прифатено голем дел од локалните обичаи, иако често се јавуваат проблесоци на германскиот менталитет: ја нервира доцнење, непочитување на туѓиот личен простор и сл. Љубезна и отворена, попрогресивна од Коста, има осет за работа со туристи и е многу поснаодлива од Коста.
Коста е поранешен возач на Преспа транс кој не може да најде друга работа, и затоа со сопругата Ула одлучуваат да ја преадаптираат големата семејна куќа во пансион. По природа е плашлив, расеан и лесно подводлив. Со Ула се запознале додека тој возел низ Германија во осумдесетите години и од тогаш се во брак, кој, и покрај нивните спротивни карактери и сфаќања, сепак успешно функционира.
Миле е најстариот брат противник на постоење на пансион со толку прецизни правила. Националист и традиционалист, којшто постојано доаѓа во пансионот со некакви чудни предлози и решенија и на крај останува во пансионот и се запива.
Тони е најмалиот брат, студирал во странство, тој ги обезбедил парите и се враќа да им помогне во поставувањето на пансионот кој е во согласност со условите на финансиерите и мора да се работи по европски стандарди. Тој е политички коректен, и во Македонија го носи неговиот љубовник Марио, кој е готвач во пансионот. Тие се обидуваат нивната врска да ја држат во тајност.
Марио е Хрват, будист. Тој е готвач во пансионот кој не знае да готви, таму е само затоа што му е партнер на Тони. Јелена му помага на Марио во нарачување храна од околните локали.
Инспектор Томе е локален инспектор, поткуплив, кој постојано доаѓа во пансионот и им се заканува дека ќе ги казнува. Тој сака да има корист од пансионот и затоа наоѓа начини како да им подметнува одредени збрки.